Под Тумбе кафе стадион за 20.000 гледачи?
БИТОЛА - Судејќи според еден од проектите на ФФМ за осовременување на структурата на спортските објекти во Републиката со финансиска помош од УЕФА, Битола наскоро би можела да се здобие со значително проширен капацитет на трибинскиот дел на стадионот Под тумбе кафе. Се предвидува, со реновирање на западната трибина бројот на седиштата да се зголеми од сегашните 4.500, на 18 до 20 илјади седишта. За овој зафат што ќе се одвива по теркот на реконструираните фудбалски игралишта во Струмица, Прилеп, Тетово и Куманово, од седиштето на УЕФА е изразена подготвеност на битолчани да им бидат ставени на располагање 800.000 швајцарски франци.
Услов за користење на оваа инвестиција е утврдувањето на концесионер на стадионот Под тумбе кафе со кој во моментов управува ЈП ССО кое пак не може да биде носител на работите и корисник на парите за реконструкција и модернизација на објектот.
Околу дефинирањето на ова прашање во тек се разговори меѓу ЈП ССО, Општината Битола и ФК ПЕлистер кои треба да ги симнат од дневен ред имотно-правните односи и финансиските побарувања. (Т.Г)